Турските власти го уапсиле Мехмет Пехливан, адвокат на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, кој е политички ривал на претседателот Реџеп Таип Ердоган, соопшти Туран Таскин Озер, пратеник од главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП).
Пехливан, кој го застапуваше Имамоглу во последната истрага, беше уапсен на, како што тврди Озер, “измислена основа”. Подоцна, весникот „Хабертурк“ јави дека Пехливан е уапсен под обвинение за „перење пари стекнати преку криминални активности“.
Министерствата за внатрешни работи и за правда не одговорија на барањата за коментар.
Имамоглу, кој беше привремено отстранет од функцијата поради овој случај, повика на брзо ослободување на својот адвокат.
Опозицијата, организации за човекови права и западните земји тврдат дека случајот против Имамоглу има политички мотиви и е обид да се елиминира потенцијалната закана за Ердоган во изборниот процес.
Во меѓувреме, денеска беа уапсени двајца новинари кои извештуваа за антирежимски протести, додека турскиот суд претходно ослободи седум новинари кои беа притворени поради „учество во нелегален марш“.