ПРВ.мк
Балкан

Тачи веќе осуден на 25 години затвор, а сега го чека нова пресуда во Хаг

Тачи веќе осуден на 25 години затвор, а сега го чека нова пресуда во Хаг

Поранешниот косовски претседател Хашим Тачи на 17 ноември 2026 година ќе ја слушне пресудата во посебниот судски процес што се води против него за наводно попречување на правдата.

Специјализираните совети на Косово во Хаг потврдија дека пресудата ќе биде објавена на јавна седница, со почеток во 10 часот.

Покрај Тачи, во постапката се обвинети Башким Смакај, Исни Киљај, Фадиљ Фазљију и Хајредин Кучи.

Обвинителството бара шест години затвор за Тачи, при што предложило времето поминато во притвор да не му биде пресметано во евентуалната нова казна.

За Смакај, Киљај и Фазљију се побарани по три години затвор, додека за Кучи обвинителството бара девет месеци.

Според обвинението, Тачи во периодот од април до ноември 2023 година наводно споделувал доверливи информации за сведоци во судскиот процес за воени злосторства.

Обвинителството тврди дека тој давал инструкции за влијание врз сведоци, со цел да се попречи судската постапка. Наводите се предмет на посебниот процес за кој допрва треба да биде изречена пресуда.

Тачи на 16 септември годинава веќе беше првостепено осуден на 25 години затвор за воени злосторства поврзани со конфликтот на Косово во 1998 и 1999 година.

Во истиот предмет беа осудени и Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи.

Пресудата што се очекува на 17 ноември се однесува на одделно обвинение за попречување на правдата, а не на веќе изречената пресуда за воени злосторства.