Чери домати поврзани со појава на салмонела во Италија биле дистрибуирани и на хрватскиот пазар, потврди Државниот инспекторат на Хрватска.
Според надлежните, станува збор за 150 килограми домати кои завршиле во пет угостителски објекти во Риека, Ровињ, Новиград и Пореч.
Спорните производи биле набавени во Италија на почетокот на септември, а дел од рестораните ги купиле во продажен објект на трговскиот синџир „Метро“ во Трст.
Информациите за дистрибуцијата биле добиени преку европскиот систем за брзо предупредување за небезбедна храна (РАСФФ).
Од хрватскиот инспекторат посочуваат дека станува збор за сезонски ресторани кои во моментов се затворени.
Засега во Хрватска нема пријавени случаи на труење со храна кои се поврзуваат со овие угостителски објекти.
Во Италија, пак, се пријавени заболени лица во повеќе региони, меѓу кои и деца, од кои дел биле хоспитализирани.
Поради случаите на зараза, италијанското обвинителство започнало истрага.
Една од можните причини за контаминацијата е употребата на загадена вода за наводнување.
Експертите објаснуваат дека бактеријата салмонела може да навлезе во водата преку животински измет, а потоа да заврши на земјоделските производи.

Салмонелата во доматите е релативно ретка појава, но може да предизвика дијареја, стомачни болки, температура и повраќање.
Здравствените експерти препорачуваат темелно миење на овошјето и зеленчукот пред консумирање, но предупредуваат дека миењето не гарантира целосно отстранување на опасните бактерии.
Потрошувачите не треба да консумираат производи кои се официјално повлечени од пазарот.









