ПРВ.мк
Балкан

СРБИЈА МОЖЕ ДА ОСТАНЕ БЕЗ СТOТИЦИ МИЛИОНИ ЕВРА! Средствата од Планот за раст ќе бидат пренасочени кон овие три земји од регионот

СРБИЈА МОЖЕ ДА ОСТАНЕ БЕЗ СТOТИЦИ МИЛИОНИ ЕВРА! Средствата од Планот за раст ќе бидат пренасочени кон овие три земји од регионот

Европската комисија ќе пренасочи дел од финансиските средства првично наменети за Србија, Босна и Херцеговина и Косово кон Црна Гора, Албанија и  Македонија. Одлуката е поврзана со различниот напредок на земјите од Западен Балкан во спроведувањето на реформите договорени со Европската Унија.

Ова го потврди претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по самитот меѓу Европската Унија и земјите од Западен Балкан.

Според претходно објавените информации на „Политико“, Црна Гора и Албанија треба да добијат по 15 отсто повеќе средства од првично предвиденото, додека Северна Македонија ќе добие 10 отсто повеќе.

Промената е дел од механизмот на Планот за раст, според кој финансиската поддршка е условена од исполнувањето на реформските обврски.

Шест милијарди евра за економско приближување кон ЕУ

Станува збор за Планот за раст за Западен Балкан, финансиски инструмент вреден вкупно шест милијарди евра, преку кој Европската Унија има цел да го забрза економското приближување на земјите од регионот кон европскиот пазар и да ги поттикне реформите неопходни за напредокот кон членство во Унијата.

За периодот од 2024 до 2027 година се предвидени две милијарди евра неповратна финансиска помош и четири милијарди евра поволни заеми.

За разлика од некои други форми на европска помош, исплатата на овие средства директно зависи од исполнувањето на однапред утврдените обврски.

Меѓу клучните области во кои се очекува напредок се владеењето на правото, реформата на јавната администрација, борбата против корупцијата и подобрувањето на деловното опкружување.

Пропуштените рокови значат помалку пари

Механизмот предвидува земјите што нема да ги спроведат реформите во предвидените рокови да изгубат дел од финансиската поддршка. Од друга страна, државите што ги исполнуваат преземените обврски можат да добијат дополнителни средства.

Аналитичарот Ади Черимаѓиќ од Европската иницијатива за стабилност (ESI), коментирајќи ја одлуката, посочи дека Црна Гора и Албанија треба да добијат 15 отсто повеќе, а  Македонија 10 отсто повеќе од првично планираното.

Тој нагласи дека токму на таков начин е замислена условеноста на Планот за раст – спроведените реформи носат дополнителни средства, додека пропуштените рокови имаат финансиски последици.

Според него, останува да се види како ваквите промени ќе бидат прифатени во политичките околности во секоја од засегнатите земји и дали финансиските последици ќе придонесат за промена на досегашниот пристап кон реформите.

Одлуката има и пошироко политичко значење, бидејќи Брисел испраќа порака дека застојот во реформските процеси може да донесе конкретни финансиски загуби, а не само забавување на европската интеграција.

Најнови вести