ПРВ.мк
Балкан

СКАНДАЛ ВО РЕГИОНОТ: Градоначалник освои награда на конкурс што го организира институција со која раководи

СКАНДАЛ ВО РЕГИОНОТ: Градоначалник освои награда на конкурс што го организира институција со која раководи

Доделувањето на наградите за најубав двор и балкон во хрватскиот град Дуго Село предизвика бројни реакции, откако меѓу добитниците се најде и градоначалникот Ненад Паниан.

Неговиот двор го освои второто место, а како награда доби косилка. Случајот привлече внимание бидејќи Паниан воедно е и претседател на Советот на Туристичката заедница на Дуго Село – институцијата што го организирала конкурсот.

Конкурсот бил организиран со цел да се мотивираат граѓаните да ги разубават своите дворови, градини и балкони и со тоа да придонесат за поубав изглед на градот. Првото место му припаднало на Миле Фрањиќ, третото на Лана Врањиќ, а за најубави балкони биле наградени Карла Баниќ и Ивана Ленардиќ.

По реакциите во јавноста, директорката на Туристичката заедница Кармела Вуков-Цолиќ ги отфрли обвинувањата дека градоначалникот имал какво било влијание врз изборот на победниците.

Таа појасни дека добитниците ги избрала независна четиричлена комисија, која не е поврзана со Туристичката заедница. Според неа, сите пријави биле оценувани анонимно, под шифри и само врз основа на доставените фотографии, без членовите на комисијата да знаат кому му припаѓаат дворовите.

Од Туристичката заедница нагласуваат дека целата постапка била спроведена според однапред утврдени правила и дека не постоел судир на интереси. Дополнително, посочуваат дека градоначалникот најавил оти освоената награда ќе ја донира.

Во меѓувреме, медиумите потсетуваат дека на почетокот на годинава Државното обвинителство на Хрватска (ДОРХ) започнало проверки во Туристичката заедница на Дуго Село по пријава за наводни финансиски неправилности поврзани со организацијата на една локална манифестација во 2024 година.

Во пријавата се наведуваат сомнежи за неправилно евидентирање на приходи од донации и можна разлика од повеќе од 15.000 евра во финансиските извештаи. Од Туристичката заедница ги отфрлаат сите обвинувања, оценувајќи ги како неосновани и тврдат дека работат во согласност со законските прописи.

Во која фаза се наоѓа истрагата на ДОРХ засега не е познато.