Психијатриската клиника за неврологија и психијатрија за деца и млади во Белград, во која е сместено момчето одговорно за масовното убиство во основното училиште „Владислав Рибникар“, практично е испразнета откако се појавиле сериозни проблеми со безбедноста на дел од објектот. Сите останати пациенти биле преместени во други здравствени установи, додека малолетникот сè уште се наоѓа во клиниката.
Според информации објавени од српските медиуми, причината за итното преместување се проблеми со водоводните инсталации, оштетување на дел од темелите и слегнување на земјиштето. Засега не е познато каде ќе биде префрлен малолетникот, но тој и понатаму е под строг надзор и целосна заштита во установата.
Извор близок до случајот изјавил за порталот Н1 дека поради настанатата хаварија пациентите биле итно отпуштени или пренасочени во други здравствени установи, меѓу кои и клиниката „Лаза Лазаревиќ“. Единствено момчето кое го изврши масовното убиство во 2023 година останало во клиниката, додека се бара решение за неговото понатамошно сместување.
Од друга страна, извор од установата за порталот Нова посочил дека сè уште не е познато кога и каде ќе биде преместен малолетникот.
„Тој и понатаму е во клиниката и се води како пациент на нашата установа, со целосна заштита. Не знаеме што ќе се случува понатаму, но веруваме дека ќе се најде решение и дека безбедно ќе биде преместен“, навел соговорникот.
Проблемите започнале пред околу две недели
Според сведочењето на извор од клиниката, вработените пред околу две недели биле известени за проблем со водоводните цевки. По хаваријата, наводно, дошло до пукање и оштетување на дел од темелите, како и до слегнување на теренот.
Во тој дел од објектот се наоѓа Центарот за аутизам. По пријавените оштетувања, комисија од градежната струка ја проценувала состојбата на објектот.
Изворот наведува дека според неофицијалните заклучоци, тој дел од клиниката треба да биде иселен и да не се користи до понатамошно известување. Сепак, вработените, како што тврди соговорникот, немале увид во официјалниот наод.
Во попладневните часови претходниот ден, според истиот извор, по итна наредба биле отпуштени или преместени речиси сите деца кои се лекувале во установата. Станувало збор за околу 15 пациенти, и од невролошкото и од психијатриското одделение.
Се огласи и Министерството за здравство
По информациите за иселувањето на пациентите, со соопштение се огласило и Министерството за здравство на Србија.
Од Министерството информирале дека одлуката за иселување ја донела директорката на установата на 13 ноември, во доцните попладневни часови, врз основа на сопствена процена дека објектот не е безбеден за користење.
Во соопштението се наведува дека Министерството немало увид во наодите на приватно ангажираните вештаци. Според информациите со кои располагаат, надлежната градежна инспекција не извршила надзор ниту, пак, наложила мерки поврзани со безбедноста на објектот.
Малолетникот бил сместен во оваа белградска клиника непосредно по трагедијата во училиштето „Владислав Рибникар“, кога имал 13 години. Бидејќи во моментот на извршување на злосторството немал наполнето 14 години, според српското законодавство не можел кривично да одговара.
Во пукањето во училиштето на Врачар во мај 2023 година беа убиени девет ученици и училишниот чувар.







