Српското Јавно обвинителство за организиран криминал објави дека е реализирана најобемната заплена на дрога во историјата на српската полиција. По неколкумесечна детална и координирана истрага, во околината на селото Коњух, во близина на Крушевац, откриени и запленети се околу пет тони марихуана.
Акцијата била резултат на заедничка работа меѓу обвинителството и Службата за борба против дрога, а според првичните проценки, вредноста на наркотикот на уличниот пазар достигнува неверојатни 50 милиони евра.
Освен огромната количина дрога, полицијата пронашла и сериозен арсенал оружје – најмалку четири автоматски пушки и еден пиштол, како и готовина во износ поголем од 1,5 милиони динари. Во рамки на акцијата, на лице место биле приведени татко и син, идентификувани како Р.С. и Н.С., додека уште едно лице, И.Д., било уапсено на друга локација како дел од истата криминална мрежа.
Истражните органи утврдиле дека дрогата била складирана во магацински простории на фирма, од каде што организирано се дистрибуирала кон Белград и други подрачја за понатамошна продажба. Во објектите биле пронајдени и професионални ваги, вакуум-апарати и пакувачки материјали, што укажува на добро разработен систем.
Претресите продолжуваат, а осомничените ќе бидат изведени пред надлежното обвинителство на понатамошна постапка.

















