Речиси 480.000 овци и кози биле умртвени во Грција од август 2024 до 15 февруари 2026 година поради сипаниците, покажуваат официјалните податоци од Министерството за земјоделство и Националната научна комисија за контрола на болеста, јави дописничката на МИА од Атина.
Во овој период биле потврдени 2.015 случаи на 2.610 сточарски фарми низ целата земја. Во последниот извештаен период, од 9 до 15 февруари, регистрирани се 11 нови случаи во седум различни региони.
Министерството за земјоделство потенцира дека доследното почитување на мерките за биолошка безбедност е клучно за спречување на ширењето на болеста. Одгледувачите се повикуваат строго да ги следат упатствата на ветеринарните служби и да применуваат предвидените протоколи. Податоците за сипаниците редовно се ажурираат врз основа на информации од регионалните единици за целосно и навремено информирање на јавноста и производителите.
Грчката Влада ја исклучува вакцинацијата како дел од стратегијата за справување со сипаниците и се држи до принципот дека единствено строгата имплементација на мерките за биолошка безбедност може да го запре ширењето на болеста. Пред десет дена, премиерот на Грција одржа средба со претставници на сточарите, нагласувајќи дека приоритет е целосното искоренување на сипаниците.
Од друга страна, сточарите, кои веќе протестираа во декември и јануари, како и пред една седмица во Атина, бараат итни и конкретни решенија за заштита на стоката и прекинување на масовната смртност на овци и кози.
Министерството апелира до сите фармери за строго придржување кон мерките за биолошка безбедност за да се заштити стоката и да се спречи понатамошно ширење на болеста.

















