Денес се одбележува големиот празник Прочка, познат и како Велики или Проштени Поклади, со кој симболично се затвора зимскиот празничен циклус и започнуваат долгите Велигденски пости. Овој ден зазема посебно место во народната традиција и се смета за еден од најзначајните христијански празници, веднаш по Божиќ и Велигден.
Прочка доаѓа по зимските празници како Бадник, Божиќ, Водици и Св. Трифун, а претставува премин кон богатата низа пролетни чествувања – Тодорова сабота, Младенци, Благовештение, Цветници, Лазарева сабота, Велигден и Ѓурѓовден. Со овој ден започнува седумнеделниот велигденски пост, период на духовно прочистување, одрекување и подготовка за Христовото воскресение.
Она што ја прави Прочка особено впечатлива се бројните обичаи што се изведуваат: проштевањето, амкањето, палењето обредни огнови, гатањата за здравје и среќа, како и симболичните ритуали за очистување од штетници. Дел од овие традиции имаат христијанска основа, додека други се остатоци од старите претхристијански пролетни празнувања.
Деновите пред Прочка носат силна симболика
Саботата пред празникот е Задушница, ден посветен на починатите. Во некои краишта таа е позната како „Умрело дете за баничка“ или „Дете за кора“, поврзана со легенда за сиромашно дете кое починало чекајќи мајка му да му испече баничка. Во негова чест, на овој ден се меси баничка или зелник и се раздава за душа.
Неделата пред Прочка се нарекува Месопусна или Месни поклади – последен ден кога се консумира месо. Потоа следува Сирната или Бела недела, период кога се јадат само млечни производи. Според народното верување, строго се внимавало да не се внесе месо во овој период, бидејќи се сметало дека тоа носи несреќа.
Интересен обичај од Сирни понеделник е „канењето на ветерот“, кога со симболична храна се повикува ветерот да дојде во лето и да помогне при веењето на житото – јасен показател за врската меѓу народната традиција и земјоделскиот циклус.
Проштевањето – срцето на празникот
Најсилната порака на Прочка е прошката. Според верувањето, на овој ден се проштеваат и небото и земјата, па така треба да постапат и луѓето. Помладиот бара прошка од постариот со зборовите „Прости ми“, а одговорот гласи „Простено да ти е и од мене и од Господа“. Често се носел и мал подарок – портокал, лимон, суво грозје или јајце – како знак на почит и искреност.
Во вечерните часови семејствата се собираат на заедничка трпеза, а домовите се исполнуваат со раздвиженост додека роднини, пријатели и соседи се посетуваат за да си побараат и дадат прошка.
Две работи што мора да бидат на трпезата
Традицијата налага заедничката вечера да заврши со сирење и јајца. Токму тие се двата симбола што не смеат да изостанат од трпезата. Со белото јајце симболично се „затвора“ устата пред почетокот на постот, а на Велигден повторно се „отвора“ со црвено јајце – знак на воскресение и нов живот.
Амкањето со јајце е посебна радост за децата и весел завршеток на мрсниот период. По овој ден престанува консумирањето и на млечни производи, а започнуваат строгите велигденски пости што траат седум недели.
Прочка останува празник што обединува духовност, традиција и семејна блискост. Во него се преплетуваат црковните учења и древните народни обичаи, создавајќи ден исполнет со симболика, простување и надеж за нов почеток.

















