Синоќешниот протест на опозицијата во Тирана прерасна во насилни судири пред зградите на Владата и Парламентот, при што 46 лица беа уапсени, соопштија албанските власти.
Тензиите ескалираа веднаш по обраќањето на лидерот на Демократската партија, Сали Бериша, кога дел од присутните почнале да фрлаат пиротехнички средства и запаливи предмети кон институциите. Нередите се продолжија пред Парламентот, каде што беа запалени контејнери за отпад и оштетена урбана опрема.
За воспоставување ред интервенирале полиција, специјални единици и Националната гарда, користејќи водени топови и солзавец. Вкупно биле ангажирани над 1.600 полицајци, а протестот не добил формална дозвола.
Министерката за внатрешни работи, Албана Коџиу, остро го осуди „вандализмот врз државните институции и нападите врз полицијата“, истакнувајќи дека ваквото однесување претставува кривично дело и нема да биде толерирано.
Од опозицијата, протестот беше претставен како израз на незадоволство од владините политики. Бериша му порача на премиерот Еди Рама дека „деновите на актуелната власт се избројани“, повикувајќи на политички промени.
Синоќешните настани повторно ја отворија дебатата за организирање на јавни собири и одговорноста за јавниот ред, особено во контекст на претходни протести кои завршуваа со инциденти.
Надлежните институции најавија дека ќе продолжат со идентификација на учесниците во насилствата и дека ќе бидат преземени законски мерки против сите инволвирани.

















