Полицијата во Разград, североисточна Бугарија, го уапсила 60-годишен маж кој со воздушна пушка пукал кон група малолетници поради бучава пред станбена зграда. Според бугарското Министерство за внатрешни работи, мажот за време на инцидентот упатувал навреди и закани кон децата.
Пријавата за пукањето била примена синоќа околу 21:20 часот. Според досегашните информации од истрагата, група малолетни момчиња се наоѓала пред станбена зграда во населбата „Водна централа“ во Разград, при што правеле бучава.
Мажот, наводно незадоволен од бучавата, извадил воздушна пушка и почнал да пука кон групата. Воедно, тој им упатувал навреди и закани со насилство.
Полицијата набрзо интервенирала и го привела осомничениот. Против 60-годишникот е покрената кривична истрага, соопштија надлежните органи.
Ова не е прв случај на пукање што во последниот период е регистриран во Разград и околината. Кон крајот на јули полицијата во Разград привела 26-годишен маж по пукање со гасен пиштол на еден од булеварите во градот. На почетокот на февруари, пак, млади лица од Кубрат биле санкционирани поради нарушување на јавниот ред и мир по расправија и пукање со гасен пиштол пред станбена зграда.






