ПРВ.мк
Балкан

Предупредување за сите што патуваат кон ЕУ: Се најавуваат блокади на границите

Предупредување за сите што патуваат кон ЕУ: Се најавуваат блокади на границите

Транспортниот сектор од земјите од Западен Балкан најавува протест и блокади на дел од граничните и железничките терминали кон Европската Унија на 14 септември, поради правилата за престој на професионалните возачи во Шенген-зоната.

Главната причина за незадоволството е правилото „90 дена во период од 180 дена“, кое го ограничува времето што возачите од земјите надвор од ЕУ можат да го поминат во Шенген-зоната.

Претседателот на српското Здружение на транспортери „Меѓународен транспорт“, Неѓо Мандиќ, порача дека превозниците нема да се откажат од најавената акција доколку не биде пронајдено соодветно решение.

Транспортерите бараат да се земе предвид специфичноста на нивната професија и за професионалните возачи да се воспостави посебен режим.

Дополнителна загриженост предизвикува и електронскиот Систем за влез/излез – ЕЕС, кој овозможува попрецизно евидентирање на влегувањата и излегувањата од Шенген-зоната.

Превозниците предупредуваат дека строгото применување на ограничувањето може да предизвика сериозни проблеми во меѓународниот товарен транспорт.

Од Европската комисија, пак, велат дека се запознаени со проблемот и со барањата на професионалните возачи, но засега нема конкретна најава за промена на постојните правила.

„Не можеме повеќе да чекаме“, порача Мандиќ.

Доколку најавената блокада се реализира на 14 септември, можни се поголеми застои во товарниот сообраќај и испораката на стока меѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија.