ПРВ.мк
Балкан

Покажал среден прст кон камера за брзина, сега му се заканува казна од 700 евра

Покажал среден прст кон камера за брзина, сега му се заканува казна од 700 евра

Необичен случај во Хрватска може да заврши со казна од 700 евра за млад мотоциклист кој покажал среден прст кон стационарна камера за мерење на брзината.

Како што објави „Скопје1.мк“, хрватската полиција поднела обвинителен предлог против 18-годишник поради инцидент што се случил во април годинава во Бјеловар.

Младиот мотоциклист поминувал со мотор покрај мерниот уред на улицата „Петар Бишкуп Вене“, кога ја кренал левата рака и покажал среден прст во правец на камерата. Според неофицијалните информации, во моментот на настанот тој сè уште бил малолетен.

Полицијата оценила дека со ваквиот гест ги навредувал и омаловажувал службените лица при извршување на нивната службена должност, поради што по завршената постапка било утврдено дека постои прекршок против јавниот ред и мир.

Според неофицијалните информации, за ваков прекршок е предвидена глоба од 700 до 4.000 евра, а полицијата во конкретниот случај предлага казна од 700 евра.

Обвинителниот предлог е доставен до Општинскиот суд во Бјеловар, кој треба да одлучува за случајот.