ПРВ.мк
Балкан

Оружје исчезнува од полицијата – нов скандал ја потресе Србија

Оружје исчезнува од полицијата – нов скандал ја потресе Србија

Српската јавност е потресена од нов голем скандал – од полициската станица во Дољевац исчезнале повеќе од 500 парчиња оружје, меѓу кои пиштоли, пушки и муниција. Според информации на телевизијата N1, станува збор за оружје кое граѓаните го предале во полицијата по официјална наредба, а голем дел од него бил сосема исправен и целосно употреблив.

Ова не е прв случај од ваков тип. Пред само две години, од полициската станица во нишката населба Пантелеј исто така исчезнаа стотици пиштоли, за што јавноста сè уште нема добиено одговор каде завршило оружјето. Сега, повторно во рамките на истата Полициска управа, се случува сличен инцидент, што отвора сериозни сомнежи за системска злоупотреба.

Министерството за внатрешни работи на Србија засега молчи, но според неофицијални информации, во Полициската управа во Ниш е покрената внатрешна контрола и се испитува исчезнувањето.

Настанот потсетува на случајот од 2023 година, кога оружје од станицата во Пантелеј, наводно, завршило на црниот пазар. Тогаш обвинети беа полицаецот Даниел М. и уште три лица блиски до него, иако обвинението опфати само три најдени пиштоли, додека медиумите тврдеа дека исчезнале многу повеќе.

Овој нов скандал дополнително ја разнишува довербата на граѓаните во полицијата и отвора прашања за тоа дали предаденото оружје навистина завршува на безбедно место или се злоупотребува за криминални цели.

Escape