Српската јавност е потресена по новите информации што испливаа во истрагата за исчезнувањето на Александар Нешовиќ, познат како Баја, а во центарот на случајот се најде и поранешниот началник на белградската полиција Веселин Веско Милиќ.
Според досегашните информации од истрагата, десет лица се уапсени поради сомнежи за вмешаност во случајот со исчезнувањето на Нешовиќ, кој исчезнал на 12 мај. Истражителите се сомневаат дека кобната вечер во ресторанот „27“ во белградската населба Сењак се случило убиство, по што телото на Нешовиќ било отстрането и сè уште не е пронајдено.
Меѓу уапсените се Веселин Милиќ, Саша Вуковиќ познат како Бошке, Марио С., Петко П., Саво С., Бобан М., Ненад Л., Данка В., Вук Ш. и Дејан С. Сите се поврзуваат со тешки кривични дела поврзани со исчезнувањето на Александар Нешовиќ Баја, за кого се наведува дека бил близок до групата на Дејан Стојановиќ Кека.
Според наводите на обвинителството, поранешниот полициски началник Веселин Милиќ токму тој ден телефонски го контактирал Нешовиќ и го убедувал да дојде во ресторанот за наводно да се решат претходни конфликти. Дополнително, му предложил да не носи обезбедување, што подоцна станало клучен детал во истрагата.
Кога Нешовиќ пристигнал пред ресторанот и ги забележал возилата на лицата со кои претходно бил во конфликт, првично одлучил да се повлече. За тоа веднаш го известил својот пријател Владимир Р. Но, според истражните наводи, само десетина минути подоцна добил нов телефонски повик од Саша Вуковиќ Бошке, по што повторно се вратил во ресторанот и седнал на маса со Вуковиќ, Марио С. и Милиќ.
Обвинителството се сомнева дека по кратка расправија, Саша Вуковиќ извадил пиштол од 9 милиметри и испукал неколку куршуми кон Нешовиќ, при што биле загрозени и останатите гости во локалот. Според истрагата, оружјето наводно било донесено од Данка В., која потоа го предала на Марио С., а тој му го дал на Вуковиќ непосредно пред пукањето.
По инцидентот, според обвинителството, започнало прикривање на трагите. Се сомнева дека Веселин Милиќ, Петко П., Саво С., Бобан М., келнерот Вук Ш. и сопственикот на ресторанот Ненад Л. не го пријавиле делото иако знаеле што се случило. Истражителите тврдат дека дел од осомничените помагале и во криењето на оружјето, како и во чистење на трагите од крв во ресторанот.
Во меѓувреме, Дејан С. е осомничен дека им помогнал на извршителите да избегаат. Според информациите, тој ги превезувал со „Фиат Пунто“ кон повеќе локации, меѓу кои Шабац, езерото Добродол и Стара Пазова.
При претрес на неговото возило, полицијата пронашла мобилен телефон Samsung Galaxy S25 FE, патни исправи на имињата на Саша Вуковиќ и Марио С., лични документи, 10.000 евра во готовина, како и документи за регистрација на Audi Q8.
Телото на Александар Нешовиќ Баја сè уште не е пронајдено, а истрагата продолжува со цел целосно да се утврди што точно се случило во ресторанот таа вечер. Неговото исчезнување го пријавила сопругата, по што била покрената голема полициска операција што доведе до апсење на десет лица.










