Минатата ноќ и утрово Босна и Херцеговина се соочи со сериозно невреме. Снег, дожд и поплави го парализираа северот на земјата, предизвикувајќи прекини на електричната енергија и блокирани патни правци.
Во Тузланскиот кантон околу 22.000 корисници останаа без струја поради дефекти на далноводи и нисконапонски мрежи во градовите Тузла, Грачаница, Сребреник и Живинице. Поројните дождови ја зголемија опасноста од излевање на реките, особено Тиња и Брка во областа Брчко, каде патниот сообраќај е делумно стопиран.
Во Приједор е прогласено прво ниво на подготвеност поради поплави, а во Бихаќ службите активно интервенираат на терен. Иако ситуацијата сè уште е под контрола, властите предупредуваат дека топењето на снегот во наредните денови може дополнително да ги отежни условите.
Премиерот на Република Српска, Саво Миниќ, истакна дека сите републикански служби се во состојба на готовност и се достапни за помош на граѓаните загрозени од неповолните временски услови.


















