Двајца американски туристи биле повредени во напад со нож што се случил утрово во близина на еден од најпознатите светски археолошки локалитети – Акропол во Атина. Осомничениот напаѓач бил веднаш совладан од полицијата и приведен.
Според првичните информации, инцидентот се случил нешто по 8 часот наутро, пред билетарницата за влез во Акропол, во момент кога голем број посетители пристигнувале на локацијата.
Во нападот биле повредени маж и жена од САД. Според достапните информации, мажот се здобил со посериозни повреди, додека жената поминала со полесни повреди.
Сведоци на настанот изјавиле дека напаѓачот без очигледна причина им се приближил на туристите и ги нападнал со нож. Полицијата брзо реагирала, при што лицето било совладано и лишено од слобода.
Според неофицијалните информации, осомничениот имал психолошки проблеми, а мотивот за нападот засега не е целосно разјаснет. Надлежните служби продолжуваат со истрагата за да ги утврдат сите околности околу инцидентот.
Повредените туристи веднаш биле згрижени од медицински екипи и со возило на Итната медицинска помош биле пренесени во болница, каде им била укажана лекарска помош.
Нападот предизвика вознемиреност меѓу посетителите на Акропол, една од најпосетуваните туристички атракции во Грција, особено поради тоа што се случил на самиот влез во историскиот комплекс.










