ПРВ.мк
Балкан

На чекор до Европската Унија – Брисел го откри можниот датум за влез!

На чекор до Европската Унија – Брисел го откри можниот датум за влез!
Kristal

Црна Гора го доби најпозитивниот извештај за напредокот во европските интеграции од почетокот на преговорите со Европската Унија, што ја става оваа држава на врвот меѓу сите земји-кандидати. Според документот што Европската комисија го претстави во Брисел, ако продолжи со сегашното темпо на реформи, Црна Гора би можела да ги заврши преговорите до крајот на 2026 година.

Шефицата за надворешна политика на ЕУ и потпретседателка на Европската комисија, Каја Калас, изјави дека Црна Гора е најподготвена за членство во Унијата, нагласувајќи дека проширувањето на ЕУ повторно станува реална можност.

Комесарката за проширување, Марта Кос, додаде дека Европската комисија наскоро би можела да започне со подготовките за Договор за пристапување, доколку земјата продолжи со досегашниот реформски интензитет.

Во изминатата година, Црна Гора успеа да затвори четири преговарачки поглавја, а до крајот на оваа година планира да заврши уште неколку. Европската комисија во извештајот посочува дека континуитетот во реформите и политичката стабилност се од суштинско значење за да се одржи напредокот и процесот да се заокружи во предвидениот рок.

Амбасадорот на Европската Унија во Подгорица, Јохан Сатлер, го оцени извештајот како „најдобар досега“, но предупреди дека следните 14 месеци ќе бидат клучни – особено во делот на владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Премиерот Милојко Спајиќ го поздрави извештајот, велејќи дека тоа е „јасен сигнал дека Црна Гора се движи во вистинска насока“. Тој нагласи дека земјата има напредок во 18 од 33 преговарачки поглавја, и дека препораките од Брисел ќе бидат „патоказ за Владата и Парламентот во следните реформи“.

Поддршка пристигна и од европските партнери – германскиот амбасадор Петер Фелтен истакна дека Црна Гора постигнала значителен напредок во сите области и дека овој извештај е „силен поттик за финализирање на процесот“.

Ако реформите продолжат со сегашното темпо, експертите оценуваат дека Црна Гора би можела да стане првата наредна членка на Европската Унија – потенцијално веќе во 2027 година, со што би го зацврстила европскиот курс на целиот Западен Балкан.

Escape