Припадниците на сообраќајната полиција во Пријепоље поднесоа прекршочна пријава против малолетник и неговиот татко, по инцидентот кој ја вознемири јавноста откако на социјалните мрежи се појави видео од опасното однесување.
На видеото, кое е снимено во автобус што сообраќал на релацијата Пријепоље-Бродарево, се гледа како малолетникот во текот на возењето се качува на кровот од автобусот преку сончевиот кров (шиберот), додека возилото било во движење. Станува збор за линија која главно ја користат ученици од средните училишта.
Според неофицијалните сознанија кои ги пренесува „ПП Медиа“, припадниците на сообраќајната полиција во Пријепоље во текот на вчерашниот ден и вечерта го идентификувале малолетникот, по што против него и неговиот татко се поднесени соодветни прекршочни пријави во согласност со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Инцидентот можел да има несогледливи последици, а само со чиста среќа била избегната трагедија и повреда на патниците. Надлежните апелираат до родителите и младите да се воздржат од вакво однесување кое директно ја загрозува безбедноста на сите учесници во сообраќајот.









