Во близина на местото Шкофљица во Словенија, мечка жестоко нападнала жена, при што таа се здобила со тешки повреди и е префрлена во Универзитетскиот клинички центар во Љубљана. Според словенечките медиуми, нејзиниот живот е сериозно загрозен.
Инцидентот се случил на самиот раб од шумата, а веднаш по нападот биле алармирани сите надлежни служби. Министерството за природни ресурси и простор потврди дека е информирано за настанот, а полицијата веќе спроведува мерки за заштита на населението во поширокото подрачје.
Од словенечката полиција упатуваат итен апел до сите граѓани да не се приближуваат до шумските области во околината на Шкофљица, освен ако тоа не е неопходно. Доколку веќе се најдат во природа, се советуваат на исклучителна претпазливост и однесување што нема да го вознемири животното.
Стручњаците предупредуваат дека средбата со мечка и нејзините младенчиња може да заврши трагично ако животното биде изненадено и не може да се повлече. Во такви ситуации, мечката може да се почувствува загрозено и да реагира одбранбено.
Граѓаните кои ќе забележат мечка треба да останат смирени, да не викаат и да не прават нагли движења. Оддалечувањето треба да биде бавно, без паника, со цел да не се предизвика дополнителна агресија од страна на дивото животно.