Администрацијата на германскиот Бундестаг објави јавен повик за ангажирање инструктори по јога и пилатес, со цел да им помогне на вработените во администрацијата да се справат со стресот, пренесе „Танјуг“.
Програмата, која ќе трае од февруари 2026 до јануари 2030 година, е наменета само за административниот персонал, додека пратениците и нивниот тим се исклучени од учество, објави „Билд“.
Курсевите по јога ќе ги запознаат учесниците со техники за управување со стрес преку дишење и физички позиции, со цел да се спречат здравствени проблеми поврзани со стресот.
Програмата по пилатес се фокусира на зајакнување на длабоките мускулни групи, вклучувајќи ги стомачните, карличните мускули и торзото.
Часовите ќе се одржуваат во просториите на „Мари-Елизабет-Лидерс-Хаус“ во Бундестагот, каде ќе има обезбедена опрема и подлоги.
Учесниците ќе плаќаат 30 евра за 15 часови, а вкупните трошоци за даночните обврзници сè уште не се познати, бидејќи договорот ќе му биде доделен на најповолниот понудувач што ги исполнува условите.