ПРВ.мк
Магазин

Св. Пророк Илија – Огнениот чувар на небото кој управува со дождот, громот и правдата

Св. Пророк Илија – Огнениот чувар на небото кој управува со дождот, громот и правдата
Escape

Денес православната црква го слави еден од најсилните и најпочитуваните пророци – Свети Илија, кого народот го вика и „небесен клучар“ бидејќи, според верувањата, тој го отклучува и заклучува небото, пушта или запира дожд и повелува со летните грмотевици. Се смета за „господарот на небото“, кој фрла огнени стрели и со огнена кочија ја брка ламјата за да го спаси светот од суша, глад и уништување.

Покрај својата силна позиција во христијанството, св. Илија има исклучително значење и во македонскиот народен обичај, култура и преданија, а празникот Илинден (2 август) е нераскинливо врзан со него.

Кој бил Свети Илија?

Свети Илија живеел околу 900 години пред Исус Христос, во местото Тесвит, па затоа често е нарекуван Тесвиќанин. Според библиската традиција, при неговото раѓање татко му имал видение – детето било обвиткано со оган, а ангели му давале пламен да јаде. Свештениците тогаш предвиделе дека детето ќе биде одбран пророк, кој ќе суди со оган и меч, а името му, „Илија“, значи Крепост Господова.

Борец против лажните богови и пророк на правдата

Во време на отпадништво и идолопоклонство, кога царот Ахав и злобната кралица Језавела го воздигнале паганскиот бог Ваал, Илија храбро му се спротивставил на царот, објавувајќи дека поради гревовите на народот ќе нема дожд ниту роса, освен по негов збор. Бог го скрил кај потокот Хорат, каде гаврани го хранеле, а потоа бил пратен кај сиромашна вдовица која чудесно го хранила со некрајно брашно и масло. Кога нејзиниот син починал, Илија го воскреснал со молитва.

Чудото на Кармил и победата над Вааловите жреци

На ридот Кармил, Илија предизвикал 450 жреци на Ваал да повикаат оган од својот бог. Тие не успеале, но по Илиевата молитва, небесен оган го запалил жртвеникот, и народот викнал: „Господ е Бог!“. Потоа, Илија се помолил и по три и пол години суша, дождот повторно паднал. Но, Језавела сакала да го убие, па повторно се скрил во Божјата гора Хорив.

Вознесението на Илија во огнена кочија

Пред крајот на животот, св. Илија го избрал Елисеј за свој наследник. Господ пратил огнена кочија со пламени коњи, што го подигнала Илија на небото. Тој не умрел, туку жив бил вознесен, а облеката му ја фрлил на Елисеј, пренесувајќи му ја пророчката моќ. Овој момент е сликарски претставен на многу икони – Илија во кочија на небото, а под него Елисеј што ја прима облеката.

Свети Илија и Христос

Кога Христос се преобразил на ридот Таор, со него се појавиле двајца луѓе од Стариот Завет: Мојсеј и Илија – како сведоштво за животот по смртта и вечната вистина на Божјата реч.

Св. Илија во народната култура и верувања

Во народните преданија, Свети Илија е бог на громот, огнот и правдата, со огнена кочија и буздоган. Кога ќе фрли со него – грми и треска. Се верува дека на Илинден ако загрми, оревите ќе бидат шупливи. Во Кумановско, Гевгелиско и други региони, народот не работел од страв да не ги погоди гром, а еснафи како кожувари, самарџии, ѓерамидџии го чествувале како свој заштитник.

Се раскажува и дека ако Илинден падне во вторник или сабота, годината ќе биде со многу невреме. Народот често му се молел за дожд во суша, а во многу села и градови се одржувале панаѓури и ноќевања кај икони, верувајќи дека светецот лекува.

Илинден – симбол и на духовна, и на историска слобода

Во Македонија, Илинден е двоен симбол: верски – на Св. Илија, и национален – на Илинденското Востание од 1903 година и АСНОМ од 1944 година. Затоа, 2 август останува ден кога народот се сеќава на борбата за слобода, духовната сила и пророчката вистина.

Именден празнуваат:

Илија, Илко, Илинка, Илинденка, Илина, Иљо, Илчо…

Тропар на свети пророк Илија:

Ангел во тело, столб на пророците, втор претеча на Христовото доаѓање, Илија славен, откако одозгора му испрати благодат на Елисеј, овој болести прогонуваше и прокажени очистуваше. Затоа на оние што го почитуваат им дава исцеление.

Св. Илија – симбол на божјата сила, правда и оган, кој и денеска тропа по срцата на верниците и го отвора небото за молитва, дожд и спас.

Mia Home Mavrovo