Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека Киев е подготвен за мировен состанок на највисоко ниво, но само доколку Русија демонстрира сериозност и искрена намера за прекин на војната и воспоставување траен мир.
Ова следува по најавите од рускиот претседател Владимир Путин дека Русија е „принципиелно“ спремна за преговори. Зеленски во објава на Телеграм потенцира дека Украина не ги одбива разговорите, но нема да учествува во преговори кои служат за одолговлекување и избегнување санкции.
„Доколку пораките од Москва се искрени и не се обид за купување време, сме подготвени за средба со лидерите во секое време“, рече Зеленски, пренесува РБК Украина.
Тој му се заблагодари и на американскиот претседател Доналд Трамп за дипломатските напори, како и на другите земји што поддржуваат мировни иницијативи.
Украина останува цврсто посветена на принципите на територијален интегритет и меѓународно право како основа за секое решение.