Возачите кои патуваат во Грција сепак нема да мораат веднаш да набавуваат нов комплет за прва помош, откако грчките власти решија да го одложат стапувањето во сила на новото правило.
Според одлуката објавена во Службен весник на Грција, обврската за поседување на новиот стандарден комплет за прва помош ќе започне да важи од 1 јануари 2027 година.
Претходно беше најавено дека мерката ќе почне да се применува многу порано – од 18 јуни оваа година, што предизвика реакции и дилеми кај голем број возачи и туристи кои патуваат кон грчките летувалишта.
Според новите правила, комплетот за прва помош ќе мора да содржи 16 специфично пропишани елементи, а контролите ќе се однесуваат и на странски возила што влегуваат во Грција.
За оние кои нема да го поседуваат задолжителниот комплет, предвидена е парична казна од 30 евра.
Одложувањето на мерката значи дека патниците ќе имаат дополнителен период за прилагодување и набавка на комплетите што ќе ги исполнуваат новите грчки стандарди за безбедност во сообраќајот.









