ПРВ.мк
Балкан

ГОЛЕМА ПРОМЕНА НА ГРАНИЦИТЕ: Кога ќе има километарски колони, ќе се олеснуваат проверките за патниците!

ГОЛЕМА ПРОМЕНА НА ГРАНИЦИТЕ: Кога ќе има километарски колони, ќе се олеснуваат проверките за патниците!

Хрватска воведува нов пристап кон граничните контроли во текот на летната сезона, со цел да се намалат долгите чекања и огромните гужви на премините. Доколку времето на чекање надмине 45 минути, полицијата ќе може привремено да ги ублажи дел од строгите биометриски проверки.

Одлуката доаѓа поради зголемениот притисок на границите, особено во периодот кога голем број туристи и патници пристигнуваат во Хрватска од земји кои не се членки на Европската Унија.

Според хрватските медиуми, во одредени ситуации ќе може да биде привремено суспендиран дел од работата на Европскиот систем за влез/излез (EES), кој предвидува собирање биометриски податоци од патниците.

Тоа значи дека во услови на големи колони, патниците и понатаму ќе мора да поминат пасошка контрола, но привремено нема да биде задолжително земање отпечатоци од прсти и препознавање на лицето.

„Во итни ситуации кога очекуваме времето на чекање да биде повеќе од 45 минути, имаме право делумно да го суспендираме ЕЕС. Тоа значи дека се креира досие, но лицето не треба да дава биометриски податоци, односно препознавање на лице и отпечатоци од прсти“, објасни Јошо Вујиќ, началник на Граничната служба при Полициската управа Сплитско-далматинска.

Можноста за вакво привремено олеснување ја потврди и хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ. Тој нагласи дека мерката веќе се применува во одредени ситуации кога има потреба од побрзо поминување на границата.

„Постојат можности за краткорочна и привремена флексибилизација и ние ги користиме доколку се појави потреба. Сепак, системот е пред сè наменет за безбедноста на граѓаните на Европската Унија и дополнително ќе се подобрува“, изјави Божиновиќ.

Европскиот систем за влез/излез е воведен со цел подобра контрола на движењето на патниците кои доаѓаат од земји надвор од ЕУ, преку дигитално регистрирање на влезовите и излезите.

Според хрватскиот министер, примената на овој систем веќе дала резултати, бидејќи спречила околу 5.000 лица да влезат во Европската Унија.

Иако приоритет останува безбедноста на границите, властите признаваат дека во летните месеци големиот број туристи создава сериозен притисок врз системот, па затоа ќе се користат механизми што ќе овозможат побрзо движење кога ќе се создадат долги колони.