Две лица го загубија животот откако мал авион се урна во станбена зона во германскиот град Лимбургерхоф, јужно од Манхајм. Според првичните информации, леталото експлодирало додека било во воздух, по што делови од него паднале врз објекти во населбата.
Портпаролот на полицијата, Торстен Мишлер, потврди дека според досегашните сознанија двајцата патници во авионот се загинати, додека уште едно лице е повредено како последица на несреќата. Информациите ги пренесуваат германските медиуми, меѓу кои и „Билд“.
Несреќата се случила околу 11:30 часот, а сведоци изјавиле дека авионот непосредно пред падот закачил една од куќите во населбата. По експлозијата, остатоци од леталото се распрснале низ станбениот дел.
Полицијата соопшти дека на терен се присутни бројни екипи на итните служби, а целото подрачје е оградено и обезбедено додека трае истрагата. Причините за падот засега не се познати и остануваат предмет на понатамошна истрага.









