Вишото јавно обвинителство во Белград утврди дека полицаецот кој рано утрово употребил службено оружје во полициската станица Савски Венац постапил целосно согласно законските процедури и правилата на службата.
Инцидентот се случил околу четири часот наутро, кога 24-годишна државјанка на Босна и Херцеговина влегла во станицата и започнала вербална расправија со дежурниот полицаец В.В. Според официјалните информации, девојката носела нож и, иако била повеќепати предупредена, се обидела да го нападне полицаецот.
Полицаецот, следејќи ја процедурaта, испукал неколку предупредувачки проектили во воздух и кон подот, но еден од нив ја погодил осомничената во ногата, со што нападот бил спречен.
Од Обвинителството информираа дека осомничената е хоспитализирана во Воено-медицинската академија, каде што ќе биде оперирана, а потоа ќе биде задржана до 48 часа поради сомнение за сторено кривично дело обид за убиство.
Во соопштението се додава дека полицаецот В.В. задобил полесни повреди, поради што бил прегледан во здравствена установа и пуштен на домашно лекување.
Истрагата открила дека осомничената влегла во Србија на 29 септември 2025 година и дека нема пријавено живеалиште во земјата.
Според првичните резултати од увидот на лице место, полицаецот реагирал професионално, внимателно и во рамките на законските овластувања, со што успеал да спречи потежок инцидент и да го заштити својот живот и безбедноста на останатите присутни.
















