Европската Унија им упати јасен сигнал на властите во Србија по повод посетата на рускиот министер под санкции, истакнувајќи дека односите со Русија не можат да бидат нормални додека трае неиспровоцираната и неоправдана агресија на Русија врз Украина.
„Ова вклучува воздржување од состаноци на високо ниво со руски претставници“, изјави портпаролот на Европската комисија за Радио Слободна Европа. Тој додаде дека Србија, како земја-кандидат за членство во ЕУ, треба да се смета за сигурен европски партнер кој ги дели заедничките принципи, вредности, безбедност и просперитет.
Рускиот министер за економски развој, Максим Решетников, минатата недела престојуваше во Белград, каде што се сретна и со претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Решетников, кој е под санкции на ЕУ и САД, најави одржување на седница на Заедничкиот комитет за соработка меѓу Русија и Србија во април.
Последната посета на Решетников на Белград била во октомври 2024 година, кога претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го откажала состанокот со тогашниот премиер Милош Вучевиќ.
Србија е земја-кандидат за полноправно членство во ЕУ од 2012 година, а преговорите ги започна во 2014 година. Меѓутоа, поради блиските односи со Русија и непочитување на одлуките на ЕУ за рестриктивни мерки против Москва, процесот на интеграција не забележал значителен напредок.


















