Денеска во Белград, со комеморативни собири и тивки обележувања, се одбележува втората годишнина од трагедијата во основното училиште „Владислав Рибникар“, кога на 3 мај 2023 година ученик од тоа училиште со огнено оружје уби девет соученици и еден училишен чувар, а повреди уште неколкумина.
Комеморативниот собир започна во 8:40 часот пред училиштето, во организација на Мултидисциплинарниот тим за основање на Меморијален центар посветен на жртвите. Граѓаните во текот на целиот ден имаат можност да положат цвеќе, палат свеќи и се запишат во книгата на сеќавања поставена во центарот на Белград.
Веднаш по овој настан, на 4 мај 2023 година, следеше уште едно масовно убиство – во селата Мало Орашје и Дубона, каде Урош Блажиќ (21) усмрти девет лица и рани уште 12.
Како одговор на овие трагедии, Владата на Србија на 19 септември 2024 година прогласи 3 и 4 мај за Денови на сеќавање на жртвите од масовните убиства, кои ќе се обележуваат секоја година.