Полицијата во Каталонија истражува нов вооружен инцидент во Шпанија, откако маж со српско државјанство бил ранет со огнено оружје во Љорет де Мар, во регионот Селва. Според првичните информации, случајот се поврзува со можни конфликти меѓу криминални групи од Балканот кои со години имаат активна мрежа во Западна Европа.
Ранетиот маж, на околу 49 години, сам пристигнал во Регионалната болница во Бланес со прострелна рана на ногата. Медицинскиот персонал веднаш му укажал помош и активирал протокол за случаи со огнено оружје, по што била известена полицијата. Сепак, повредениот одбил да открие како бил ранет и кој стои зад нападот.
Шпанската полиција, преку Одделот за криминалистички истраги (DIC) во Ѓирона, работи на реконструкција на целиот настан. Истражителите собираат изјави од сведоци и прегледуваат видео-снимки од надзорни камери за да ја утврдат точната локација на пукањето и идентитетот на напаѓачите.
Една од главните хипотези е дека инцидентот може да биде поврзан со судири меѓу криминални структури од Црна Гора, познати како клановите „кавачки“ и „шкаљарски“, кои со години водат насилен конфликт за контрола врз нелегални активности во Европа.
Според неофицијални информации, постојат индиции дека ранетото лице може да има врски со една од овие групи, што дополнително ја засилува сомнежот дека станува збор за продолжување на долгогодишната криминална војна која сè почесто се пренесува и надвор од Балканот, особено во Шпанија.
Овој случај доаѓа кратко по серија слични насилни инциденти во Барселона и околината, каде во последните месеци биле забележани ликвидации на лица поврзани со истите криминални мрежи. Полицијата засега не потврдува директна поврзаност меѓу овие настани, но интензивно ги истражува сите можни врски.
Шпанските власти нагласуваат дека истрагата е во тек и дека се работи на идентификација на сите вклучени лица, при што не се исклучува ниту еден можен мотив, вклучително и организиран криминал и меѓусебни пресметки меѓу криминални групи.







