Двајца мажи од Црна Гора и Србија, за кои австриските власти веруваат дека се дел од средните структури на белградскиот огранок на кавачкиот клан, се најдоа пред Регионалниот суд во Виена обвинети за брутална тортура. Според австрискиот „Хојте“, тие во 2020 година намамиле две лица во Виена, погрешно верувајќи дека едното од нив е син на хрватски милионер, од кого сакале да изнудат огромна сума пари.
Според обвинението, осомничените ги врзале жртвите, ги заканувале со убиство и користеле методи на заплашување кои истражителите ги споредуваат со сцени од ТВ серии. Тие комуницирале преку дигитални пораки, што подоцна помогнало полицијата да ги лоцира. Помладата жртва била подложена на повеќе од четири часа тортура, при што добивале пораки како: „Ако наскоро не ни кажете каде се парите, ќе мора да почнеме да сечеме“. Жртвите биле заплашувани со „рачни пили и пригушувачи“.
По повеќечасовното малтретирање на првата жртва, напаѓачите се свртеле кон 64-годишниот Хрват. Според доказите, насилниците им пријавиле на своите претпоставени дека човекот бил претепан, со целосно крваво лице и исеченици од нож. Исплашен и во солзи, тој им ветил 750.000 евра само да престанат.
„Хојте“ пишува дека виенската група била предводена од човек познат под прекарот „Декстер“, кој веќе издржува доживотна казна во затворот Штајн. Обвинителството нагласи дека вакви сцени се ретко видени во реални случаи и повеќе наликуваат на сценарија од криминални серии.
Двајцата осомничени, по завршувањето на тортурата, ги пуштиле жртвите – но веднаш потоа се обиделе да им изнудат пари и во Хрватска. Постариот Хрват, инаку човек што заработува од шверц на цигари, успеал да собере само 10.000 евра.
И покрај бруталноста, ниту една од жртвите, ниту сведоците не сакале да ги идентификуваат напаѓачите. Обвинителите велат дека „спонтана амнезија“ е многу честа појава во криминалниот свет.
Одбраната тврди дека обвинетите немаат никаква поврзаност со злосторствата. Адвокатот на 50-годишниот Србин дури истакнал дека неговиот клиент бил обвинет по грешка поради тоа што неговото име било „препознатливо на Балканот“. Адвокатите на 39-годишниот Црногорец исто така ги негираа сите обвинувања.
Доколку бидат прогласени за виновни, двајцата се соочуваат со казни од десет до дваесет години затвор.
















