Над 200.000 жители во западниот дел на Србија се соочија со сериозен недостиг на вода по голем дефект на водоводниот систем „Рзав“.
Најпогодени се градовите Чачак, Пожега, Лучани и Горњи Милановац, каде што граѓаните останаа без вода токму во услови на високи летни температури. Според локалните власти, водата нема да биде безбедна за пиење најмалку 10 дена.
Дефектот се случил во близина на Ариље, во местото Горобиље, каде што пукнала бетонска цевка со голем дијаметар. Екипите на надлежните служби работат на санација, но предупредуваат дека дури и по поправката ќе биде потребно време за водата да стане хигиенски исправна.
Поради сериозноста на ситуацијата, во Чачак и Горњи Милановац е прогласена вонредна состојба. Граѓаните сведочат дека во текот на денот речиси и немало цистерни со вода, а оние што биле поставени брзо се празнеле.
Паниката дополнително се зголемила кога продавниците останале без флаширана вода, бидејќи граѓаните масовно купувале залихи.
Според експертите, можно е дефектот да е резултат на пропусти во проектирањето на системот. Ова не е прв ваков случај – прекинот на водоснабдувањето на „Рзав“ е трет во последните 20 години.
Извештаите покажуваат дека недостигот на вода во летните месеци станува сè почеста појава во Србија, што отвора сериозни прашања за инфраструктурата и управувањето со водните ресурси.









