Припадници на Министерството за внатрешни работи на Србија, односно Управата за криминалистичка полиција и Службата за борба против организираниот криминал, во соработка со Јавното обвинителство за организиран криминал, спровеле истрага заедно со полициските и обвинителските служби на Словенија. Во рамките на координираната акција, на територијата на Србија биле уапсени три лица за кои постои сомнение дека се членови на организирана криминална група.
Станува збор за С. Ѓ. (54), С. К. (53) и А. К. (23). За уште две лица се трага. Тие се сомничат за здружување заради вршење кривични дела, како и за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги.
Истовремено, во Словенија биле уапсени уште тројца осомничени членови на групата: српскиот државјанин А. Ј. (34), словенечкиот државјанин С. З. (39) и М. Ј. (44), државјанин на Босна и Херцеговина.
Според соопштението на српското МВР, групата наводно отворала компании за меѓународен патен транспорт во Хрватска, Унгарија, Словачка и Србија. На тие компании ги регистрирала камионите што биле користени за шверц на дрога.
Тајни бункери во кабините на камионите
Истрагата покажала дека во кабините на камионите биле изработени специјални скриени простори, односно бункери во кои се сокривала дрогата. Во товарниот дел, пак, се превезувала стандардна стока, со што, според сомнежите на истражителите, се прикривала нелегалната активност.
Во втората половина на 2025 година, на територијата на Франција, во соработка со француската царина, биле уапсени двајца српски државјани – В. П. (40) и Љ. Ј. (58). Тие, според информациите од истрагата, со камиони превезувале дрога за оваа криминална група од територијата на Шпанија.
Во две одделни акции тогаш биле запленети вкупно 471 килограм хашиш и 15 килограми марихуана.
Во Словенија запленети 60 килограми кокаин и 46.000 евра
Друг значаен случај поврзан со истрагата бил регистриран во мај 2026 година во Словенија. Тамошната партнерска полициска служба уапсила српски државјанин Д. С. (53) и словенечки државјанин Р. А. (37), при нивна наводна примопредавање на 60 килограми кокаин и 46.000 евра.
За собирање докази и утврдување на целосниот обем на активностите на групата, српските истражители соработувале и со полициските служби на Унгарија, Франција, Хрватска и Австрија.
Размената на информации се одвивала преку офицери за врска, но и преку каналите на Европската полициска агенција ЕВРОПОЛ и Европската агенција за правда ЕВРОЏАСТ.
Лицата уапсени во Србија, по поднесувањето кривична пријава, биле приведени пред Јавното обвинителство за организиран криминал. Истрагата продолжува, а за преостанатите две лица кои се во бегство сè уште се трага.






