ПРВ.мк
Балкан

Случајот „Баја“ под лупа: Нови детали во случајот со исчезнатиот Александар - кој и зошто го киднапирал?

Случајот „Баја“ под лупа: Нови детали во случајот со исчезнатиот Александар - кој и зошто го киднапирал?

Исчезнувањето на Александар Нешовиќ, познат како Баја, кој последен пат бил виден на 12 мај 2026 година во ресторан на Сењак, прерасна во една од најголемите и најсложени полициски истраги во регионот, откако случајот доведе до апсење на вкупно 10 лица, меѓу кои има осомничени, наводни помагачи, вработени во угостителскиот објект, па дури и тројца полицајци и актуелниот началник на белградската полиција, Веселин Милиќ.

Според информациите од истрагата, сè започнало вечерта кога Нешовиќ пристигнал со своето црно блиндирано BMW X7 пред ресторанот „Ресторан 27“ на Сењак, каде имал закажана средба со познаници. Последниот контакт со него бил телефонски разговор со неговата невенчана сопруга околу 23 часот, во кој тој потврдил дека е во локалот, по што неговиот телефон бил исклучен и секој контакт бил прекинат.

По неколку дена неизвесност, неговата партнерка официјално го пријавила исчезнувањето, по што полицијата и обвинителството започнале итна акција. Клучен момент во истрагата се случил кога истражните тимови влегле во ресторанот, каде што наводно биле откриени две чаури од калибар 9 мм и траги од крв, за кои се сомнева дека му припаѓаат на исчезнатиот Нешовиќ.

Форензичарите дополнително утврдиле дека некој се обидувал да ги отстрани трагите, користејќи специјални средства за чистење, а истрагата продолжила и следниот ден, кога во близина бил пронајден фрлен мобилен телефон од типот iPhone, за кој се проверува сопственоста.

Истрагата брзо се проширила и довела до апсење на неколку лица осомничени за обид за тешко убиство, недозволено оружје и прикривање на докази. Меѓу уапсените се и лица кои наводно учествувале во логистиката и прикривањето на настанот, како и сопственикот и вработени во ресторанот, кои се сомничат за непријавување на кривично дело и помагање на сторителите.

Во рамки на акцијата, уапсена е и жена која се сомничи дека од тајна локација донела оружје користено во инцидентот, додека дел од осомничените се товарат дека организирале бегство и прикривање на директните учесници во настанот.

Полицијата истовремено ја проширува истрагата и кон лица за кои се сомнева дека помагале по настанот, вклучително и организирање транспорт и прикривање докази, при што кај еден од нив биле пронајдени поголема сума пари и патни документи.

Судбината на Александар Нешовиќ и понатаму останува непозната, а истрагата се води во повеќе насоки, додека јавноста чека одговори за тоа што навистина се случило во ресторанот на Сењак вечерта кога исчезна Баја.