Управата на Клиничкиот болнички центар во Осиек, Хрватска, јавно реагираше на обвинувањата дека прикривала неправилности поврзани со детскиот психијатар Домагој Бениќ, кој беше уапсен во декември 2025 година под сомнение за сексуална злоупотреба на малолетни пациенти, физичко насилство и овозможување употреба на дрога.
Против Бениќ е подигнато обвинение за повеќе кривични дела, меѓу кои и недозволени полови дејствија и повреда на правата на децата.
Случајот дополнително ја вознемири хрватската јавност откако лекарот Станислав Рогуља, кој го пријавил својот колега во полиција, останал без работа.
Рогуља тврди дека раководството било предупредено за неправилностите, но од болницата категорично ги отфрлаат ваквите обвинувања.
„Груба невистина е дека доктор Станислав Рогуља добил отказ затоа што доставувал информации до медиумите“, соопштија од болницата.
Според управата, отказот бил последица на повеќекратни повреди на работните обврски, за кои лекарот претходно добил дисциплински предупредувања.
Од болницата тврдат дека со полицијата соработувале уште од почетокот на истрагата и дека постапувале по сите пристигнати пријави.
Во соопштението се наведува и дека Рогуља одбил на болничката управа да ѝ достави одредени докази со кои располагал, што, според раководството, го отежнало преземањето порано дисциплинско дејствие против Бениќ.
Управата ги отфрли и тврдењата дека медицинска сестра и медицински техничар биле преместени поради нивната соработка со истражителите, наведувајќи дека причините биле поинакви.
Од КБЦ Осиек изразија сочувство и поддршка за малолетните пациенти и нивните семејства, нагласувајќи дека заштитата на децата останува нивен приоритет.
Сепак, остануваат спротивставени тврдењата на лекарот што го пријавил случајот и раководството на болницата.
Кривичната постапка против психијатарот треба да ја утврди неговата евентуална одговорност за делата што му се ставаат на товар.










