Хрватската полиција покрена дисциплинска и кривична постапка против двајца полициски службеници од Полициската управа Пожега-Славонија, откако се појавија снимки на кои, според сомневањата, тие имале интимен однос со жена во службено полициско возило.
Според хрватските медиуми, снимките биле направени во различни периоди, а на нив наводно се гледа како службеното возило било користено за цели што не се поврзани со службените обврски. Материјалите до надлежните институции ги доставил сопругот на жената, по што внатрешната контрола на Министерството за внатрешни работи започнала истрага.
Од хрватското МВР соопштија дека двајцата полицајци се отстранети од должност до завршување на постапката. Против нив се води дисциплинска постапка поради сомневање за тешка повреда на службената должност, а се проверува и дали постојат основи за кривична одговорност.
Засега не се објавени идентитетите на инволвираните лица, ниту кога точно се случиле настаните. Надлежните најавија дека по завршувањето на истрагата ќе бидат донесени соодветни одлуки согласно законот и правилата за постапување на полициските службеници.








