Во рамки на голема полициска акција под назив „Армагедон“, српските власти уапсија седум лица осомничени за сексуална злоупотреба на деца преку интернет. Акцијата беше спроведена во повеќе градови, меѓу кои Белград, Нови Сад, Ниш и Сомбор, во координација со обвинителството за високотехнолошки криминал.
Според Министерството за внатрешни работи, осомничените со месеци преку интернет платформи и „дарк веб“ преземале, чувале и разменувале недозволени материјали поврзани со експлоатација на малолетници. При претресите, полицијата заплени компјутери, телефони и други електронски уреди на кои биле пронајдени голем број фотографии и видеа, при што дел од жртвите биле на возраст од само четири години.
Осомничените се товарат за кривични дела поврзани со поседување, прикажување и дистрибуција на порнографски материјал и искористување на малолетници. Од српското МВР посочија дека акцијата испраќа јасна порака: интернет-просторот нема да биде засолниште за сторителите на вакви кривични дела.
Воедно, полицијата апелира до родителите да ги следат онлајн активностите на своите деца и да преземат мерки за нивна безбедност.


















