ПРВ.мк
Балкан

Балканот доби прв град со робо-такси: Самоуправувачки автомобили веќе возат – 300 луѓе ги тестираат

Балканот доби прв град со робо-такси: Самоуправувачки автомобили веќе возат – 300 луѓе ги тестираат

Загреб стана првиот град во Европа што воведе роботакси-услуга, означувајќи значаен чекор кон иднината на урбаниот транспорт.

Зад овој проект стои хрватската компанија Верне, која во соработка со Uber и кинеската Pony.ai веќе еден месец управува со флота од 10 самоуправувачки возила.

Услугата стартуваше на 8 април и засега ја користат околу 300 луѓе, додека дополнителни 4.000 се на листа на чекање. Иако системот е дизајниран да биде целосно автономен, во почетната фаза во возилата има и човечки оператор – како безбедносна мерка.

Според компанијата, дури 90% од корисниците дале високи оценки, а по десетици илјади поминати километри, не е регистрирана ниту една несреќа.

Роботаксите моментално сообраќаат во централните делови на градот, Нов Загреб и околу аеродромот, а проширувањето ќе се одвива постепено – само по темелни тестирања.

Цената од 1,99 евра по возење е воведена со цел привлекување корисници и собирање повратни информации, но се очекува да расте со ширењето на услугата.

Возилата се опремени со напредна технологија – камери, радари и ласери – што им овозможува самостојно движење низ сообраќајот. Планот е до крајот на годината да се премине на целосно автономна услуга, доколку се обезбедат сите потребни дозволи.

Во меѓувреме, Верне веќе преговара со 11 градови во Европската Унија, Обединетото Кралство и Блискиот Исток за проширување на оваа револуционерна технологија.