ПРВ.мк
Балкан

Уапсен банкарот на Вучиќ, еден од најмоќните луѓе во Србија.

Уапсен банкарот на Вучиќ, еден од најмоќните луѓе во Србија.

Српската полиција го приведе Давор Мацура (45), сопственик на АЛТА банка и еден од највлијателните бизнисмени во Србија, кого медиумите го поврзуваат со владејачката Српска напредна партија и претседателот Александар Вучиќ.

Според информациите на „Нова.рс“, по налог на Јавното обвинителство за организиран криминал, на Мацура му е одредено задржување до 48 часа. Информацијата ја потврдиле и од адвокатската канцеларија што го застапува.

Полицијата повеќе од 30 часа ја претресувала банката

Пред приведувањето, криминалистичката полиција повеќе од 30 часа ги претресувала просториите на АЛТА банка во Белград, собирајќи документација.

Акцијата следувала откако Народната банка на Србија донела одлука за одземање на дозволата за работа на банката.

Според образложението на централната банка, финансиската состојба на АЛТА банка значително се влошила, а постоел ризик од дополнително нарушување на ликвидноста и загрозување на интересите на штедачите.

Банката била во блокада од 30 октомври 2026 година.

Кој е Давор Мацура?

Мацура е роден во Риека и има српско и хрватско државјанство. Неговиот деловен подем започнал во 2008 година со отворање менувачница во Земун, по што го проширил бизнисот во банкарскиот сектор.

Според српските медиуми, денес поседува околу 15 компании.

Неговата компанија „Алта Ритејл“ неодамна ги презела малопродажните бизниси на групацијата „Фортенова“ во Србија, вклучително и маркетите „Идеа“.

Се споменуваат и сомнителни трансфери кон Скопје

Посебно внимание предизвикале претходните предупредувања на српскиот адвокат Иван Ниниќ, кој на 27 октомври побарал итен вонреден надзор над работењето на една банка.

Тој тврдел дека располага со информации за можни забрзани трансфери на парични средства кон странство, меѓу другото и кон сметки и компании во Москва и Скопје.

Сепак, засега нема докази дека непосредно пред затворањето на АЛТА банка бил направен обид за незаконско извлекување пари.

Причините за приведувањето на Давор Мацура сè уште не се официјално соопштени, а се очекуваат дополнителни информации од надлежните институции во Србија.