Бројот на пензионери во Словенија продолжува да расте, а најновите податоци покажуваат и рекордни износи на пензиите. Во мај годинава во земјата биле регистрирани 658.016 пензионери, додека просечната бруто пензија достигнала 1.160,80 евра.
Зголемувањето следува по редовното усогласување на пензиите од 4,2 проценти во февруари и дополнителното вонредно зголемување од еден процент во март.
Според словенечкиот пензиски систем, усогласувањето на пензиите сега се пресметува според нова формула која еднакво ги зема предвид растот на бруто-платите и растот на потрошувачките цени од претходната година.
Највисоката индивидуална пензија што моментално се исплаќа во Словенија изнесува 4.675,83 евра.
Иако најголем дел од пензионерите примаат меѓу 500 и 1.000 евра, бројот на оние со пензија повисока од 3.500 евра достигнал 1.449 лица. Речиси 503.000 корисници примаат старосна пензија, а околу 22.500 граѓани продолжуваат да работат, додека истовремено користат дел од својата пензија.
Во споредба со земјите од регионот, Словенија има еден од најстабилните пензиски системи. Просечната пензија заменува околу 50 до 60 проценти од претходната заработка, што е над регионалниот просек и овозможува повисок животен стандард за пензионерите.
За споредба, во Хрватска просечната пензија се движи меѓу 500 и 600 евра, а најголем број пензионери добиваат од 400 до 800 евра, во зависност од работниот стаж и годината на пензионирање.








