Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека 2026 година ќе биде политички динамична, со оглед на тоа што е изборна година. Тој потврди дека вонредни парламентарни избори ќе бидат организирани кон крајот на годината – во октомври, ноември или декември, при што точниот датум ќе зависи од договор меѓу политичките актери.
„Датумот на изборите ќе се утврди доколку политичките партии сакаат да се договорат“, истакна Вучиќ во интервју за ТВ Информер. Тој додаде дека студентските протести и блокади долго време го потенцираат барањето за вонредни избори.
И покрај политичката динамика, Вучиќ истакна дека оваа година ќе биде успешна за Србија во економска смисла и дека зачувувањето на мирот и стабилноста е клучно за народот.
Дополнително, претседателот најави дека државата ќе се обиде да купи уште околу пет проценти од акциите во НИС, со што би ја добила целосната контрола врз одлуките на мнозинскиот сопственик.
„Се надевам дека наскоро ќе можеме да купиме уште пет проценти од акциите во НИС. Тогаш државата ќе има целосно влијание и контрола, ќе можеме да имаме увид во финансиите и сите активности. Не сакаме да бидеме само пасивен акционер кој се крие зад завесата“, рече Вучиќ, додавајќи дека ова ќе биде една од неговите главни цели во наредните месеци.
















