Адвентот во Виена, кој со години важи за еден од најпознатите и најубавите божиќни маркети во светот, повторно привлече огромно внимание, но овојпат предизвикува и критики на социјалните мрежи.
Божиќните маркети низ Европа и оваа сезона привлекуваат милиони посетители, а виенскиот Christkindlmarkt на плоштадот пред Градската куќа (Rathausplatz) е прогласен за еден од најатрактивните, пренесуваат австриските медиуми, повикувајќи се на американскиот канал Си-Ен-Ен.
Меѓутоа, токму големите гужви создаваат незадоволство кај локалното население, кое смета дека масовната посетеност ја нарушува автентичната празнична атмосфера и ја отежнува секојдневицата. На социјалните мрежи кружат видеа и коментари со збиени толпи пред Градската куќа. Една посетителка на ТикТок напиша: „Кога за викенд ќе дојдеш во Виена и со себе ќе донесеш половина Европа“, алудирајќи на пренатрупаните улици и штандови.
Жителите на Виена се особено гласни. Една корисничка истакна: „За некој што е роден и израснат во овој град, ова е многу депресивно, веќе не можам да отидам ниту на еден божиќен саем во сопствениот град.“ Коментарот доби широка поддршка, бидејќи многумина сметаат дека ситуацијата станала „навистина неиздржлива“.
Незадоволството не го изразуваат само оние кои сакаат мирно да уживаат во празничниот амбиент, туку и оние кои по двапати дневно мораат да поминуваат низ гужвите поради работа или други обврски.
Некои коментатори потсетуваат дека слична состојба владее и во други светски метрополи за време на празниците, и споделуваат совети како да се избегнат најголемите гужви, со посета во раните утрински часови или во текот на работните денови.
















