ПРВ.мк
Топ Вести

Пелистер доби нова туристичка атракција - место што веќе привлекува илјадници посетители!

Пелистер доби нова туристичка атракција - место што веќе привлекува илјадници посетители!

Националниот парк „Пелистер“ доби ново уредена планинска патека што значително ја проширува понудата за рекреација, пешачење и велосипедизам на планината. Новата рута ја поврзува Цапарска Пресека со селото Цапари, поминувајќи преку Горна Скала и Лоша Стена.

Патеката е уредена од екипи на ЈУ Национален парк „Пелистер“ во соработка со Extreme Bike Team Bitola, при што теренот е расчистен и јасно обележан, со цел посетителите полесно да се движат низ овој дел од планината. Со тоа, се отвора нов пристапен правец кој е погоден и за рекреативци и за велосипедисти, но и за посетители кои сакаат пократки планински тури.

Една од клучните точки на новата рута е Лоша Стена, видиковец на околу 1.220 метри надморска височина, кој се наоѓа југоисточно од Цапари. Од оваа позиција се отвора широк панорамски поглед кон Пелагонија и околните планински масиви, што ја прави локацијата атрактивна за одмор и фотографирање, без потреба од долги и напорни искачувања.

Паралелно со оваа патека, се развива и нова кружна велосипедска и пешачка рута со должина од околу 16 километри. Таа ќе започнува од Инфоцентарот на паркот, ќе минува низ Цапарска Пресека, Цапарски Вир, Ротинско Езеро, Голема и Мала Ливада и повторно ќе се враќа на почетната точка, создавајќи целосно поврзана рекреативна целина.

Со овие интервенции, Пелистер добива подобро организирана и поврзана мрежа на патеки што овозможува полесна ориентација и подостапно истражување на природните локации, особено за викенд-посетители, семејства и љубители на активен туризам.

Проектот се реализира со поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање и Prespa Ohrid Nature Trust, како дел од пошироките активности за подобрување на туристичката инфраструктура во националниот парк.