ПРВ.мк

Колку би можела да чини новата GTA VI?

Колку би можела да чини новата GTA VI?
Vero

Иако до излегувањето на Grand Theft Auto VI останува нешто повеќе од една година, шпекулациите околу потенцијалната цена на еден од најочекуваните гејминг-наслови на сите времиња веќе го привлекуваат вниманието и загриженоста на јавноста.

Иако Rockstar Games сè уште официјално не ја објавил цената на играта, неодамнешните поскапувања кај големите гејминг-компании, вклучително и Microsoft, предизвикаа немир меѓу фановите. Microsoft минатиот месец соопшти дека ќе ги зголеми цените на своите игри, и дека новите наслови до крајот на годината ќе чинат до 80 американски долари. Со ваква динамика на раст, многумина стравуваат дека GTA VI би можела да стане финансиски предизвик за пошироката публика во 2026 година.

Изјавата од Take-Two носи доза оптимизам

Меѓутоа, извршниот директор на Take-Two Interactive, матичната компанија на Rockstar Games, Штраус Зелник, понуди нешто посмирувачки информации во својата неодамнешна изјава. Тој потенцираше дека цените на игрите се одредуваат индивидуално, во зависност од содржината и вредноста што секој наслов ја нуди.

„Цените се поставуваат на ниво на издавач, во контекст на секое поединечно издание“, изјави Зелник. „Како што имам кажано и претходно – фокусот ни е на вредноста. Целта ни е на корисниците да им понудиме повеќе вредност отколку што плаќаат. Тоа е нашата задача, а не поставување ценовна граница.“

Оваа изјава беше веднаш коментирана на социјалната мрежа X (поранешен Twitter), каде што дел од корисниците веруваат дека Зелник „игра стратешки“, следејќи ги реакциите на пазарот пред да ја дефинира крајната цена на GTA VI.

„Можеби Зелник мудро чека да види како ќе се продаваат другите игри со цена од 80 долари, пред да ја објави цената на GTA VI“, коментираше еден корисник.

Други, пак, се убедени дека цената воопшто нема да биде пречка:

„И да бараат 200 долари, луѓето сепак ќе ја купат GTA VI“, напиша друг обожавател, алудирајќи на култниот статус на франшизата.

Иако официјалната цена на GTA VI сè уште не е позната, очекувањата се високи – не само во однос на квалитетот на играта, туку и на пристапноста за гејмерите ширум светот. Со оглед на тековните економски трендови и амбициозноста на проектот, останува да се види дали Rockstar и Take-Two ќе најдат вистинскиот баланс меѓу пазарната реалност и очекувањата на играчите.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран