Симболична средба меѓу Зеленски и Трамп во Рим – најавен „целосен и безусловен прекин на огнот“
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска изјави дека имал „добар и конкретен“ разговор со американскиот претседател Доналд Трамп во Рим, каде што двајцата лидери присуствуваа на погребот на папата Франциск. Разговорот, како што оцени Зеленски, може да се покаже како „историски“.
„Имавме добар состанок, лице в лице. Разговаравме за многу теми. Се надеваме на резултати од сè што беше опфатено – заштита на животите на нашите луѓе, целосен и безусловен прекин на огнот и сигурен, траен мир што ќе спречи нова војна“, објави Зеленски на социјалната мрежа X.
Портпаролот на украинскиот претседател потврди дека Трамп и Зеленски се договориле да ги продолжат разговорите и во текот на денот, а нивните тимови веќе работат на организација на следната средба. Белата куќа го оцени разговорот како „продуктивен“.
Средбата доаѓа во чувствителен момент за Украина, откако САД се заканија дека би можеле да се повлечат од мировните напори, а претходно оваа недела Трамп јавно го критикуваше Зеленски поради неговиот став дека Украина нема да ја признае руската анексија на Крим.
Зеленски додаде дека овој разговор со Трамп, иако симболичен по својот контекст, може да стане историски доколку резултира со конкретни чекори и вистински напредок на патот кон мирот.