Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека е постигнат договор за скорешна средба со американскиот претседател Доналд Трамп, оценувајќи дека токму во наредниот период може да се донесат одлуки од огромно значење за завршување на војната во Украина.
„Се договоривме за состанок на највисоко ниво со претседателот Трамп во блиска иднина. Многу работи можат да се одлучат пред Нова година“, објави Зеленски на социјалните мрежи, потенцирајќи ја важноста на директниот политички дијалог меѓу Киев и Вашингтон.
Изјавата доаѓа откако украинскиот претседател во вторникот ја претстави најновата верзија на американскиот план за ставање крај на војната меѓу Русија и Украина, документ за кој двете страни преговараат веќе неколку недели. Планот, според објавените информации, предвидува замрзнување на моменталните фронтовски линии, без конкретно решение за најчувствителното прашање – териториите окупирани од Русија, кои опфаќаат повеќе од 19 проценти од украинската територија.
Во споредба со првичната верзија на документот, подготвена од американска страна, новиот предлог содржи значајни измени. Од него се изоставени двете клучни барања на Москва: повлекување на украинските сили од деловите на Донбас што сè уште се под контрола на Киев и правно обврзувачка гаранција дека Украина нема да стане членка на НАТО. Токму поради овие измени, аналитичарите оценуваат дека шансите Русија да ја прифати оваа верзија од планот се мали.
На прашањата поврзани со мировниот предлог, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пред два дена изјави дека Москва сè уште ја формулира својата позиција и одби да навлегува во детали околу конкретните точки од документот.
Во меѓувреме, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, вчера изјави дека процесот на приближување кон завршување на војната се одвива бавно, но стабилно, без да даде дополнителни појаснувања за можните следни чекори.
















