Во Кина стапија на сила нови правила поврзани со патувањето во странство, кои според критичарите би можеле дополнително да ја прошират контролата на властите врз граѓаните.
Според новите мерки, на кинески државјани може да им биде забрането да ја напуштат земјата во период до три години доколку властите проценат дека додека биле во странство ги загрозиле националната безбедност или интересите на Кина. За ова известува Би-Би-Си.
Кинеските власти, сепак, тврдат дека целта на правилата е „заштита на националниот суверенитет и безбедност“ и ги отфрлаат оценките дека мерките претставуваат ограничување за патувањето на обичните граѓани.
Критичарите имаат поинакво гледиште. Тие стравуваат дека новите одредби би можеле да му дадат на Пекинг дополнителен механизам за контрола и притисок врз кинеските граѓани, вклучително и врз нивното однесување и активности додека се надвор од земјата.
„Ова е уште една алатка дизајнирана да контролира што кинеските граѓани прават и зборуваат надвор од земјата“, изјави Том Келог, професор и извршен директор на Центарот за азиско право на Универзитетот Џорџтаун.
Тој посочува дека во одредени случаи кинеските безбедносни служби и досега одбивале да издаваат пасоши, со што спречувале одредени лица да ја критикуваат кинеската влада во странство или ги казнувале поради нивниот активизам.
„Не можам да добијам пасош“
Според новите правила, кинеските граѓани може да бидат спречени да ја напуштат земјата доколку ги прекршат прописите поврзани со увозот и извозот на технологии за кои се смета дека претставуваат закана за националната индустриска или технолошка безбедност.
Кинеската владина платформа за демантирање гласини, Пијао, минатата недела објави дека новите правила „не го ограничуваат патувањето на обичните граѓани“.
Од таму наведуваат дека мерките се наменети како „превентивна мерка против дестинации со висок ризик и лица со необични шеми на патување“.
Сепак, дел од кинеските граѓани тврдат дека со години се соочуваат со нејасни ограничувања кога станува збор за патување во странство.
Еден 26-годишен кинески државјанин раскажал дека неговото барање за издавање пасош било одбиено во 2023 година. Тој смета дека причината е неговото учество во масовните продемократски протести во Хонг Конг во 2019 година.
Младиот човек во тој период давал изјави за медиумите во Хонг Конг, а по враќањето во континентална Кина бил испрашуван од државната безбедносна полиција.
Според неговите зборови, службеник за имиграција му кажал дека не може да добие пасош „поради проблемот со Хонг Конг“. Сепак, тој никогаш не добил официјална писмена потврда со која би била објаснета причината за одбивањето.
„Доколку добиев официјален документ, можев да покренам административна постапка. Но, ми кажаа само една реченица: „Не можете да одите““, раскажал тој.
Тој додава дека не сакал да инсистира на дополнително објаснување бидејќи стравувал дека би можел да „заврши во затвор“.
„Јас сум само обичен човек, нели? Млад сум и не сум направил ништо лошо. Не знам дали некогаш ќе можам да ја напуштам Кина“, рекол тој.
Граѓаните тешко можат да дознаат дали се под ограничувања
Според јавно достапните информации, кинеските граѓани во моментов немаат едноставен начин сами да проверат дали се предмет на мерки за контрола на излезот од земјата.
Вообичаено, доколку не добијат официјално известување – писмено или усно – луѓето можат да дознаат дека нивното движење е ограничено дури кога ќе се обидат да добијат потребни патни документи или кога ќе се појават на граничен премин.
Кинескиот Закон за административни дозволи предвидува дека доколку административен орган одбие да издаде дозвола, треба да даде писмено образложение за одлуката.
Сепак, дел од лицата со кои разговарал Би-Би-Си тврдат дека ова правило не се применува доследно во пракса.
Новите правила предвидуваат и дека граничните службеници треба да ги советуваат кинеските граѓани да не патуваат во земји и региони кои властите ги сметаат за „високо ризични“.
На тој начин, мерките отвораат дополнителни прашања за тоа колку широко кинеските власти би можеле да ги применуваат ограничувањата за патување и во кои случаи на граѓаните би можело да им биде оневозможено да ја напуштат земјата.






