Земјотрес во источен Таџикистан – загина тригодишно дете, оштетени десетици објекти.
Во серија земјотреси што утрово го погодија источниот дел на Таџикистан, загина тригодишно дете, информираше Центарот за управување со кризни ситуации при Владата на Таџикистан, пренесува руската агенција РИА Новости.
Детето настрадало откако врз него се урнал ѕид од семејната куќа во областа Рашт, која беше најсилно погодена од потресот.
Според официјалните информации, во период од четири часа се регистрирани три последователни земјотреси во овој регион.
Како последица од потресите, целосно се уништени 29 куќи и една училишна зграда, додека оштетени се уште 17 стамбени објекти, покажуваат првичните извештаи на Комитетот за вонредни ситуации.
На терен е испратена комисија од надлежниот комитет која врши проценка на штетите и безбедноста на објектите.
Според Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC), утринскиот потрес бил со интензитет од 6,4 степени според Рихтеровата скала.
Надлежните служби остануваат на терен, а локалните власти ги повикуваат граѓаните на претпазливост и следење на официјалните препораки.