Американската војска во петокот соопшти дека го убила водачот на ултрарадикалната сунитска терористичката групација Исламска држава во воздушен напад во Ирак.
Во координација со ирачките власти, САД извршија напад во четвртокот во кој беа убиени водачот на Исламската држава, Абдала Маки Мусли ал-Рифаи, познат како Абу Кадиџа, и уште еден оперативец, се вели во соопштението на американската Централна команда (CENTCOM) од петокот ноќта.
„Како емир на највисокото тело за одлучување на ISIS, Абу Кадиџа беше одговорен за операциите, логистиката и планирањето на ISIS ширум светот и управуваше со значителен дел од финансиите за глобалната организација на групата“, се вели во соопштението.
Командантот на CENTCOM, Мајкл Ерик Курила, изјави дека Хадија бил еден од најважните членови на глобалната организација Исламска држава.
„Ќе продолжиме да ги убиваме терористите и да ги уништуваме нивните организации кои ја загрозуваат нашата татковина и американскиот, сојузничкиот и партнерскиот персонал во регионот и пошироко“, рече Курила.
Кадиџа беше „неуморно ловен (и заробен) од бестрашните воини на Вашингтон“, напиша американскиот претседател Доналд Трамп на својата платформа Truth Social. „Неговиот мизерен живот беше завршен, заедно со уште еден член на ISIS, во координација со ирачката влада и курдската регионална влада. МИР НИЗ СИЛАТА!“, додава Трамп.