Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека бил “малку саркастичен” кога во текот на кампањата повеќе пати тврдел дека војната меѓу Русија и Украина може да заврши за само 24 часа.
Трамп на ова прашање одговорил во интервју за емисијата “Full Measure”, додека неговата администрација продолжува со напорите за посредување во пронаоѓањето на решение, 54 дена по почетокот на неговиот втор мандат, пренесува порталот “Local10”.
“Бев малку саркастичен кога тоа го реков. Она што всушност го мислев е дека сакам да го решам ова и верувам дека ќе успеам”, рекол Трамп. Во мај 2023 година, Трамп за CNN изјавил: “Русите и Украинците умираат. Сакам да престанат да умираат. И тоа ќе го завршам за 24 часа”.
Неговиот специјален пратеник, Стив Виткоф, оваа недела бил во Москва, каде разговарал за предлогот на САД за прекин на огнот, кој Украина го прифатила.